Img
Кое е наследството што ни го остави Галилеј?

На денешен ден во далечната 1564 година, во Пиза, Италија, е роден еден од најголемите научници во светот – Галилео Галилеј. Наследството што ни го остави Галилеј е огромно, особено ако се знае дека работел и творел во време далеку пред часовникот, пред модерните уреди што ги олеснуваат истражувањата и можеби најважно – во време кога црквата ги давала и ги наметнувала сите знаења поврзани со човекот, животот, нашата планета и универзумот.

Познат уште како „татко на модерната наука“, а некаде и како „татко на научната револуција“, Галилео се смета за основоположник на многу работи кои подоцна ги утврдуваат и ги докажуваат можеби најголемите научници од нашето време, Алберт Ајнштајн и Исак Њутн. Од денешна перспектива, Галилео е најпознат по пронајдокот и изработката на првиот телескоп.

Но неговото наследство е многу поголемо. Од универзалните закони на природата, инерцијата, месечините на Јупитер, составот на нашата Месечина, па сѐ до фактот дека Земјата не е центар на универзумот, туку дека ротира околу Сонцето, човештвото му должни многу на овој италијански физичар, астроном и математичар.

Затоа денеска, кога се слави неговиот роденден и сите се потсетуваме на она што го оставил за човештвото, би сакале да посветиме поголемо внимание на едно друго, исто така важно наследство, кое ретко го наоѓаме кога читаме за него, а е особено важно – критичкото размислување, значењето на математиката и упорноста да се следи пасијата.

Три големи лекции што ни ги дава Галилеј

Секој што се занимава со наука и има повеќе време да посвети на животот и делото на Галилеј, веројатно може да изведе заклучоци кои и ден-денес би имале примена. Дека тоа е така, доволно е да се потсетиме само на изјавата на Алберт Ајнштајн кој, изучувајќи ги делата на Галилеј, рекол:

„Рудник на информации за сите заинтересирани за културната историја на западниот свет и нејзиното влијание врз економскиот и политичкиот развој“ и додал:

„Во овие дела се открива човек кој поседува страсна волја, интелигенција и храброст да застане како претставник на рационалното размислување против сите оние што потпирајќи се на незнаењето на народот и недоличноста на учителите, облечени во свештеничка облека, ги одржуваат и ги бранат нивните позиции на авторитет“.

1.Критичко размислување

Критичкото размислување во неговата најслободна дефиниција подразбира како да размислуваш самостојно, а не со „туѓа“ глава?

Имајќи ги предвид оваа дефиниција и животот на Галилеј и неговата аргументација со која се спротивставувал на учењата на црквата, многумина го сметаат Галилеј за основоположник на она што денес го разбираме за критичко размислување.

За сите оние што помалку знаат, набрзо откако го открил телескопот, Галилео почнал почесто да го следи универзумот, да ги истражува Месечина и Јупитер. Врз основа на она што го видел преку неговиот изум, тој заклучил спротивно на учењето на црквата – дека Земјата не е центарот на универзумот, туку таа се движи околу Сонцето.

Токму поради ваквите аргументи, тој во неколку наврати бил опоменат од црквата, а на крај бил прогласен за еретик. Иако бил повикан да се покае и да ги поништи своите истражувања, Галилео останал доследен на она што го заклучил. Благодарение на неговите тврдења, години подоцна други научници ќе ги земат за валидни неговите аргументи и ќе ги докажат.

Оттука, не случајно неговата аргументација, која се базира на логика, факти и наука наспроти недокажани суеверија, многумина ја поврзуваат со она што денеска го знаеме како критичко размислување. Или соодветно за тоа време – „легендарен интелектуален инает на Галилео“, како што неколкумина го окарактеризирале Галилео подоцна.

Критичкото размислување од денешна перспектива е многу важна вештина која нѐ оспособува да даваме силни и издржливи аргументи кои се базирани на логика и докази. Тоа нѐ прави посамоуверени и поуспешни на кое било поле и да дејствуваме.

2. Математиката е основата на секое знаење

Можеби математиката не е поле од интерес на многумина, но начинот на кој нѐ учи да размислуваме и логички да поврзуваме е умешност која се смета за основа на сето она што подоцна го правиме. Таа се смета за основа која може да ни помогне во аргументација, она нешто што прави разлика меѓу неиздржани суеверија и уверувања наспроти вистинските аргументи.

Не случајно Гaлилео вели: „Ако можам одново да почнам со моите студии, ќе го следам советот на Платон и ќе почнам од математика“. Затоа и подоцна самиот ќе заклучи дека математиката е јазикот со кој Бог го напишал универзумот.

3. Насочете се кон она за кое имате страст

Последно, но не помалку важно, една од големите лекции што можеме да ги научиме од Галилео е дека секој треба да ја следи својата пасија или страст, она што го исполнува да го учи, да го истражува и работи.

Како дете, татко му имал повеќе идеи за Галилео: прво да биде свештеник, а потоа лекар. Но и покрај тоа што бил запишан на медицински студии, се префрлил на насоката за математика и тука ги постигнал своите најголеми достигнувања.

Неговото наследство е многу важно и е извор на сето она што подоцна го развива и докажува модерната наука. А важноста да се следи страста, Галилео ќе ја сумира на следниот начин: „Страста е генезата на генијот!“

Критичкото размислување, математиката и насочувањето кон она за кое имаме страст се работи на кои програмата на IQ UP! посветува големо внимание. Доколку сакате да се запознаете одблиску со сето она што го правиме и како изгледаат нашите часови, посетете ја нашата веб-страница или најблиските IQ UP! центри.