Img
Јоханес Кeплер: за движењето на планетите и за упорноста

На денешен ден е роден Јоханес Кеплер, астроном и математичар

„Многу повеќе ми значи најстрогата критика на еден интелигентен ум отколку непромисленото одобрување на масата“.

 Колкумина од нас уживаат да се изгубат во небото и бескрајно да ги набљудуваат ѕвездите и небесните тела? Мистеријата на универзумот е толку голема, што дури и ден-денес многу од случувањата и појавите не успеваме да ги објасниме и истражиме.

Но, замислете само како било векови наназад, во време кога не постоеле интернетот, телескопите и други помагала кои денес значително го олеснуваат запознавањето и проучувањето на универзумот?

Во едно такво време бил роден познатиот астроном и математичар Јоханес Кеплер, најпознат по законите за движењето на планетите. Роден на денешен ден, 27 декември 1571 година, воодушевен од универзумот и Сончевиот Систем, Кеплер успева да го утврди точното движење на планетите. Она што дотогаш се верувало – дека планетите се движат во круг околу Сонцето, Кеплер успеал да го побие и да докаже дека всушност орбитата по која се движат е елипса, а не круг.

Во отсуство на современи инструменти, воден само од длабоките знаења од математиката и астрономијата, на Кеплер му биле потребни дури осум години и речиси илјада страници пресметки за да може да ја постави оваа теорија. За докажување биле потребни уште цели девет години.

Што можеме да научиме од Кеплер?

Достигнувањата што ги направил Кеплер и ден-денес се силна основа на која се градат сите понатамошни истражувања за универзумот. Дури и ние во IQ UP за време на часовите по астрономија значително се потпираме и се потсетуваме на неговите лекции. Но освен научни, од него може да се извлечат и неколку животни лекции, вештини, исто толку значајни за нашата IQ UP програма.

„Богатството скриено во небесите е толку големо што на човечкиот ум никогаш нема да му недостига свежа храна“.

Први се истрајноста и упорноста. Исто како и Луј Пастер, со кој делат ист датум на раѓање, и од работењето на Кеплер можеме да заклучиме дека се потребни упорност и истрајност во добивањето на резултатите за она што сметаме дека е важно и точно. Замислете, тој немал никаков проблем истражувањето да го води осум години и да почека уште девет за неговите теории да се докажат како точни.

За тоа колку внимание посветуваме на истрајноста и упорноста во IQ UP, веќе посочивме во текстот посветен на Луј Пастер. За тоа можете да прочитате овде.

Втора важна лекција е поврзувањето на дисциплините. Овој докажан математичар направил голем напредок во астрономијата благодарение на силните познавања од математиката и физиката. Потпирајќи се на калкулациите од математиката, тој успеал да го докаже она што сметал дека постои горе, во универзумот. Во неговото творење голема улога игра и фактот што ја познавал теологијата и бил голем верник. Своевремено сакал да стане свештеник, па неговата религија има голема улога во сето она што го изучувал и правел. Познати се неговите тврдења дека неговата астрономија е „небесна физика“ и дека Бог го создал светот со интелигентен план кој е прифатлив преку природната светлина на разумот.

Од погоренаведеното можеме да заклучиме дека токму поврзувањето на знаењата му овозможува на Кеплер да ги постави и да ги докаже своите теории. Исто како што и ние во IQ UP имаме цел да ги поврземе знаењата од сите предмети што ги изучуваме. Всушност, и самите  истражувања покажуваат дека само на тој начин децата може да дојдат до функционално, применето и трајно знаење. Затоа сложените училишни теми и концепти ги разглобуваме на интерактивен и забавен начин, наученото го поврзуваме во сите аспекти и им помагаме на децата самостојно да дојдат до решенијата на проектите кои ги изработуваме преку аплицирање на сублимираните знаења.

Оставината на Кеплер за астрономијата, математиката, физиката, па и за животот е значајна и голема. Но кој, всушност, бил Кеплер и каков бил неговиот живот, ви посочуваме во параграфот подолу.

Накратко за Јоханес Кеплер!

Роден на денешен ден, 27 декември во далечната 1571 година, Кеплер бил одличен математичар кој истовремено бил фасциниран од небото и сѐ што тоа крие.

Воден од религијата, неговиот план првично бил да стане свештеник. Но неговата остроумност, познавањата на математиката и интересот за астрономијата го насочуваат повеќе кон науката. Иако роден предвреме и честопати болешлив, неговата очигледна интелигенција му обезбедува стипендија по теологија. Таму се запознава со идеите на Коперник за тоа дека Сонцето е центар на Сончевиот Систем, а Земјата има орбита околу неа, истражувања од кои бил воодушевен и почнал да ги проучува.

По завршувањето на факултетот, иако сакал да стане свештеник, бил назначен за професор по математика. Оттука почнува неговото значајно продлабочување на интересот за универзумот, планетите и нивното движење. Но поради неговите религиозни уверувања, за жал, тој бил избркан од својот роден крај, па морал да го напушти Грац и продолжил да работи во Прага.

Иако дал значаен придонес во многу области, Кеплер денес е најпознат по законите за движењето на планетите. Имено, по долготрајно и упорно проучување на движењето на планетите, базирано во голема мера на истражувања на кои работел познатиот дански научник Тихо Брахе, чие место тој го наследил кога работел на Универзитетот во Прага, успеал да докаже дека планетите не се движат во круг, како што се верувало дотогаш, туку дека се движат по орбита во вид на елипса.

На оваа теорија Кеплер работел осум години и му биле потребни речиси илјада страници за да дојде до точните пресметки.

Освен движењето на планетите, Кеплер има значајна улога и во формулацијата на видот и на дизајнирањето на очилата за вид; понатаму, прв ги објаснил принципите на работа на телескопот; прв ги објаснил приливот и одливот предизвикани од Месечината.

Кеплер починал на 59-годишна возраст, на 15 ноември 1630 година.

Ви благодариме што редовно ги читате нашите едукативни текстови.

За таа цел ви подаруваме:
Бесплатнa книга со активности – КОДИРАЊЕ 📒

Притиснете на сликата, испечатете ги активностите и забавувајте се! 🖨

No photo description available.