Img
11 интересни факти за Периодниот систем на елементите

Денеска е 7 февруари, Денот на Периодниот систем на елементите

Освен во светот на науката и хемијата, за нас, обичните луѓе, шемата на Периодниот систем на елементите е веројатно само меморија од училишните клупи на која не толку радо се присетуваме.

Веројатно тоа е најмногу поради фактот што за ученици од таа возраст, изучувањето на елементите напамет беше нешто сложено и непримамливо.

Но, идејата на Периодниот систем е многу поголема отколку негово знаење наизуст. Toa e шема, патоказ од непроценлива вредност, алатка која им помага на хемичарите и другите научници во нивните значајни истражувања.

Тој најдобро го срочува Бил Нај, познат американски инженер и водител на научно шоу, кој со право вели:

„Доколку го научиш Периодниот систем на елементите напамет, тоа ќе ти помогне побрзо да размислуваш како хемичар. Но вистинската и поголема причина на Периодниот систем е таа информација да остане надвор од твојата глава, како шема закачена на ѕидот, за во главата да остави простор да се научи нешто ново“.

Денеска, 7 февруари, е денот кога се слави Периодниот систем на елементите. За таа цел, подготвивме неколку интересни информации кои веројатно не сте ги слушнале или прочитале.

 

11 интересни факти за Периодниот систем на елементите

За многумина можеби звучи чудно, но сепак постојат интересни информации за Периодниот систем на елементите кои во никој случај не звучат претешко и сложено, а кои ќе ви дадат нов поглед за тоа како го поимате Периодниот систем.

1. Рускиот научник Дмитриј Менделеев се смета за основач на Периодниот систем

Иако за татко на Периодниот систем на елементите се смета познатиот руски научник Дмитриј Менделеев, кој прв ја создал табелата од 60 елементи во далечната 1869 година, сепак, постојат уште неколку научници пред него кои ги дале основите за она што подоцна Менделеев го нарекува Периоден систем на елементите.

Меѓу нив, голема заслуга има Џон Њулендс, кој неговиот вид на Периоден систем од 8 елементи го објавил на 7 февруари 1863 година. Оттука и датумот 7 февруари да се слави за ден на Периодниот систем.

2. Периодниот систем ја рефлектира љубовта на Менделеев кон картите

Според одредени тврдења, идејата на Менделеев за Периодниот систем потекнува од неговата љубов кон игра со картите. Ваквиот заклучок доаѓа од фактот што тој ја пишувал тежината на елементите на посебна карта и тие карти ги сортирал исто како што се сортираат картите во познатата игра пасијанс.

3. Во минатото научниците користеле батерии со помош на кои можеле да се измерат елементите

За да ги измерат тогаш познатите 63 елементи, научниците користеле батерии со кои се пуштала струја низ различни раствори. Поради различните поларности на атомите во таквите раствори, тие можеле да се одвојат во различни садови и потоа да се измерат.

4. Денес елементите се подредени согласно атомскиот реден број

Додека Менделеев во својот Периоден систем на елементите ги редел согласно нивната маса, денес модерниот Периоден систем ги реди елементите согласно нивниот атомски број, односно бројот на протони во нивното јадро.

5. Јаглеродот се смета за крал на елементите

Јаглеродот се смета за крал на елементите зашто може да формира ковалентни врски и со други елементи и со самиот себе.

6. Франциумот е најреткиот елемент на Земјата

Франциумот е најреткиот елемент. Согласно научите истражувања, денес се останати само уште неколку унци франциум на планетата Земја.

7. Периодниот систем предвидувал елементи кои сѐ уште не се откриени

Кога ја формирал табелата, Менделеев оставил неколку празни полиња за елементи кои сѐ уште не биле откриени, што значи дека тој е толку добро поставен што можел да предвиди дека некои елементи недостигаат.

8. Технециум е првиот вештачки создаден елемент

Периодниот систем каков што го знаеме денес е составен од 118 елементи. Од нив 90 можат да се најдат во природата, додека преостанатите се во најголема мера вештачки создадени.  Технециумот е прв вештачи создаден елемент уште во далечната 1937 година.

9. Четири од елементите се именувани пред само неколку години

На 28 ноември 2016 година елементите дотогаш познати како 113,115, 117 и 118 ги добија своите имиња. Нихониум, московиун, тенесин и оганесон се имињата на овие елементи, соодветно.

10. Најголемиот дел од елементите се метали

Дури 75% од елементите во Периодниот систем се класифицирани како метали.

11. Периодниот систем не може да има повеќе од 137 елементи

Според американскиот физичар Ричард Фејнман, дури и да постои, ние никогаш нема да можеме да го забележиме 137. елемент. Причината за тоа е  што теоретски електроните на 137. елемент би требало да орбитираат со брзина поголема од брзината на светлината, што не е можно според Теоријата на релативноста на Ајнштајн.