Img
550 години од раѓањето на големиот научник Никола Коперник

На денешен ден е роден полскиот астроном Никола Коперник

Колкумина од нас гледале нагоре кон небото и се обидувале да разберат како се движи Сонцето, а како Месечината? Во денешно време, со сета наука на дланка, но и со современите инструменти кои ни дозволуваат да го потврдиме она што не учи науката, брзо доаѓаме до одговор на овие прашања.

Но векови претходно, во време кога не постоеле современите технолошки достигнувања, и кога Сонцето и Месечината можеле да се набљудуваат само со „голо“ око, да се открие она што стотина година подоцна ќе се покаже за точно, дека Сонцето, а не Земјата е центарот на универзумот,  не е само зачудувачки, туку и инспиративно.

Токму, во едно такво време – без технологија, без телескоп и слични помагала, живеел Никола Коперник, полскиот астроном кој е роден токму на денешен ден, 19-ти февруари во далечната 1473 година. Коперник се смета за еден од најголемите умови во неговото време, бидејќи освен астроном, бил математичар, правник, физичар, учител, дипломат, економист и војник.

Најголемото наследство што ни го остава Коперник е темелот од каде подоца започнува таканаречената „научна револуција“. Имено, Коперник се смета за првиот астроном кој ќе посочи дека Сонцето, а не планетата Земја е центарот на универзумот. Врз основа на ваквите негови тврдења подоцна Галилео Галилеј и Исак Њутон успеваат подетално да ја разработат и ја докажат оваа теорија, со што се смета дека ја започнуваат научната револуција со тоа што ни откриваат многу нови нешта за нашата Земја и за универзумот.

Теоријата за хелиоцентричниот Сончев систем Коперник ја објавува дури пред неговата смрт

Со оглед на тоа дека Коперник живеел и творел во време кога сите објаснувања, па дури и научните, ги одобрувала и пренесувала Црквата, и покрај тоа што стигнал до заклучокот дека Земјата сепак не е центарот на универзумот многу порано, сепак ќе се охрабри да го објави овај податок во последната година од неговиот живот – 1543-та.

Ова најмногу поради стравот дека ќе биде протеран од Црквата и прогласен за еретик, нешто што ќе го оддалечи од неговата пасија – науката и научните истражувања.

Но, исто така и поради тоа што сакал да биде сигурен во она што го гледал и утврдил. Имено, постојат истражувања кои покажуваат дека, со оглед на тоа дека немал модерни уреди за истражувања, за да ја докаже својата теорија за хелиоцентричниот Сончев Систем, работел дури 15 години. Цела деценија и половина го следел универзумот за да утврди дека навистина Земјата сепак не е центарот на универзумот. Токму поради неговата ваква упорност и исцрпност, многумина го сметаат за перфекционист.

Освен по теоријата за хелиоцентричниот Сончев систем, Коперник е познат и по тоа што бил прв што успеал по точен редослед да ги наброи планетите: Меркур, Венера, Земјата, Марс, Јупитер и Сатурн. Шестте кои во тоа време биле познати и откриени.

Познати цитати и интересни факти за Коперник

Денеска, кога славиме 550 години од раѓањето на Коперник, се потсетуваме на неколку негови познати цитати и интересни подстоци.

„Знаењето дека го знаеме тоа што го знаеме, и дека не го знаеме тоа што не го знаеме, е вистинско знаење.“

„Тоа што ни изгледа како движење на сонцето, не е резултат на неговото движење, туку всушност е резултат на движењето на нашата Земја и нашата сфера (орбита, н.з.) по која се движиме околу Сонцето, како и секоја друга планета.“

„Земјата заедно со водата која ја опколува, мора да има таков облик како што го открива нејзината сенка, бидејќи при лунарните еклипси ја затемнува месечината со лак на совршен круг.“

Гете за Коперник: Од сите откритија и мислења, ниедно немало поголем ефект врз човечкиот дух, од доктрината на Коперник.

Коперник е името кое и е дадено на Програмата на Европската Унија за набљудување на Земјата (програма за обезбедување на капацитети за набљудување на земјата преку податоци обезбедени од сателити и од останати извори).

Коперник го формулирал хелиоцентричниот модел (астрономски модел според кој Земјата и останатите планети се вртат околу Сонцето) независно од Аристрах од Семос, кој има формулирано таков модел 18 векови пред Коперник.

Промената на парадигмата од геоцентричниот модел на Птоломеј (според кој Сонцето и останатите тела на небото се вртат околу Земјата) на хелиоцентричниот модел, е наречена Коперниканска револуција.

Животот и делото на Никола Коперник нè учи на важноста на критичкото размислување и истрајноста во потрагата по знаење. Во контекст на СТЕМ едукацијата, ова значи охрабрување на учениците да се сомневаат во она што го гледаат и учат и да истражуваат повеќе перспективи во нивната потрага по знаење и разбирање на концептите. Коперник, исто така, нè учи дека напредокот во науката и технологијата често бара отвореност кон нови идеи, дури и ако тие ги оспоруваат воспоставените верувања. Ние во IQ UP!, преку иновативни пристапи и методи сме фокусирани на активностите за практично учење и решавање проблеми кои им помагаат на учениците да ги развијат овие вештини. Со охрабрување на учениците да пристапуваат кон предизвиците со љубопитност и упорност, ние имаме за цел да ги поттикнеме да станат решавачи на проблеми и идни иноватори.