Img
Како може да го поттикнеме интересот на девојчињата за науката? Девојчињата се важни за СТЕМ револуцијата!

Денеска е Меѓународен ден на жените и девојчињата во науката

Денеска е 11 Февруари, Меѓународен ден на жените и девојчињата во науката. Осма година по ред светот го слави овој ден со цел да ги охрабри и поттикне жените и девојчињата во науката, но и да покаже почит кон големите научни истражувања и пронајдоци што потекнуваат токму од нив – жените. Последните статистики, за жал, сѐ уште покажуваат дека само 30% од научниците се жени и дека жените добиваат значително помалку грантови отколку мажите за нивните научни истражувања, што е поразителен факт, особено во 21 век.

Во таа насока, ќе се согласиме со изјавата на Одри Азулај, генерален директор на УНЕСКО, која ќе рече:

„Ако сакаме да се справиме со огромните предизвици на 21 век – од климатски промени до технолошки нарушувања – ќе треба да се потпреме на науката и на мобилизација на сите потенцијални ресурси. Од оваа причина, светот не смее да биде лишен од потенцијалот, интелигенцијата или креативноста на илјадниците жени кои се жртви на длабока вкоренета нееднаквост и предрасуди“.

Со цел да го одбележиме овој ден, подготвивме неколку совети за тоа како може да се охрабрат девојчињата и жените во науката, а исто така споделуваме и листа со 10 најпознати жени во науката, кои веруваме дека ќе им бидат силна инспирација.

Како да го охрабриме интересот на девојчињата кон науката? Како ние во IQ UP! го правиме тоа?

Истражувањата покажуваат дека постојат два вида уверувања кои ги обесхрабруваат девојчињата за поголем интерес кон науката: прво, поради негативните стереотипи околу интелектуалните способности на жените; и второ, стереотипите поврзани со тоа дека луѓето што работат во наука се сезнајковци и им недостигаат социјални вештини.

Со цел да се надминат овие стереотипи, дел од активностите што ги негуваме во нашиот центар се следни:

1.Работиме на промена на нивниот мајндсет

Истражувањата покажуваат дека уште во прво одделение девојчињата веќе почнуваат да размислуваат дека имаат помалку интелектуални способности отколку машките. Дека науката е повеќе предодредена за машките.

Затоа, нашите програми почнуваат со деца од претшколска возраст. На тој начин многу порано им ја претставуваме науката на децата, а со тоа и на девојчињата, со цел да го промениме ваквиот мајндсет.

2. Креираме средина во која ја промовираме науката

Еден од најдобрите услови за надминување на нееднаквоста во однос на вклученоста на жените и девојчињата во науката е да се создаде средина во која ќе се промовира идејата за науката и во која науката ќе биде претставена на забавен и атрактивен начин.

Затоа нашите часови се исполнети со интересни активности. На тој начин тие ја зголемуваат својата самодоверба и потоа се чувствуваат помотивирани и поспособни да успеат дури и во полето на науката.

3. Ги учиме поинаку да гледаат на неуспехот

Време е децата да сфатат дека неуспехот е можност за да научат повеќе, а не нешто што ги отсликува нивните способности и карактеристики. Затоа, во нашите центри не постои погрешен одговор. Само можност за дополнително истражување како да се пристапи кон проблемот од поинаква перспектива. Кога децата ќе видат дека по неколку обиди успеваат да дојдат до соодветен резултат и дека нивните напори на крај ќе се исплатат, веднаш ја менуваат нивната перспектива кон неуспехот.

4. Зборуваме за успешните жени

Меѓународните организации кои се залагаат за надминување на родовата нееднаквост посочуваат дека еден начин да се променат стереотипите околу жените и науката е уште како мали девојчињата одблиску да се запознаат со успешни жени, што сѐ тие имаат направено за да го променат светот и на кој начин го направиле тоа. Ваквите приказни поттикнуваат инспирација кај нив и се пример на кој можат да се угледаат.

5. Ги надминуваме стереотипите за СТЕАМ

Фактот дека и медиумите и околината во која живееме најчесто ја опишуваат средината за работа во науката како изолирачка и несоцијална, а згора на тоа и луѓето што работат таму како асоцијални и егоцентрични, ја прави науката неатрактивна, особено за девојчињата.

На нашите часови, преку забавни активности и тимска работа, заедно ги надминуваме ваквите стереотипи и градиме љубов кон науката.

6. 10 најпознати жени во науката

Од Ада Лавлејс до Марија Кири, светот познава многу жени кои со своите научни истражувања и пронајдоци го задолжиле светот. Ова се десетина од нив, кои имаат значајно место во науката и сите ние би требало да ги знаеме.

  1. Ада Лавлејс – британска математичарка и писателка. Позната по креирање на првиот алгоритам за програмирање, со што се смета за првиот програмер во светот.
  2. Розалинд Франклин – британска хемичарка и кристалографка чија работа била клучна за разбирање на молекуларните структури на ДНК.
  3. Дороти Хоџкин – британска хемичарка, добитничка на Нобеловата награда за хемија. Најголем придонес дала во истражувањата на атомската структура на важни хемиски соединенија, а најпозната е по откривањето на инсулинот.
  4. Каролина Хершел – германски астроном, а најголем придонес во науката има дадено со нејзините откритија на разни комети и маглини во Млечниот Пат.
  5. Мери Енинг – влијателна истражувачка на фосили, а најпозната е по тоа што го открила првиот фосил на диносаурус.
  6. Барбара Маклинток – американска научничка и цитогенетичарка, добитник на Нобеловата награда за медицина во 1983 година.
  7. Валентина Терешкова – руски космонаут, најпозната по тоа што е првата жена што летала во вселената
  8. Џејн Гудал – британска истражувачка и научник која има најголема улога во зачувувањето на природата и природното живеалиште на мајмуните. Позната е по нејзините документарци за шимпанзата.
  9. Алис Аугуста Бол – афроамериканска хемичарка која го развила инјекцискиот екстракт од масло, што бил најефикасен начин на третирање на болести до 1940 година. Се смета за првата жена што успеа да ја излекува лепрозата.
  10. Марија Кири – полско-француска физичарка и хемичарка. Таа е пионер во областа на радиоактивноста и е двократен добитник на Нобеловата награда, еднаш за физика, а вториот пат за хемија.